Граѓанските организации со нова ЕУ поддршка за соочување со предизвиците

25

preda-plus-1Програмата за мали грантови, со слоганот “Активирај“, беше објавен минатата година. Оваа програма ја лансираа ПРЕДА Плус фондацијата и германската организација ASB со поддршка од  Европската унија и нивните инструменти за претпристапна помош. Целта на малите грантови е да ги зајакнат капацитетите на граѓанските организации и да испровоцираат промена или решение за некој економски или социјален проблем во заедницата. Моделот на делување и неговиот избор дали е најсоодветно да биде преку партнерство со локалната или централната власт, лобирање /пропагирање кај властите или надзор на нивната работа, останува определба на самите граѓански организации.

Директорот на ПРЕДА Плус фондацијата, Маријана Милевска, на денешната средба со новинарите истакна дека е задоволна од одличниот интерес на граѓанските организации за повикот.

“Вкупно 20 граѓански организации од Македонија ќе добијат поддршка од Европската Унија, преку фондацијата ПРЕДА Плус – Програма за мали грантови и германската организација ASB, за да испровоцираат промена или решение на одреден предизвик со којшто се соочува заедницата во којашто делуваат. На самиот повик за мали грантови добивме 37 апликации со различни модели на делување на процесите на одлучување и во различни области, од социјални предизвици како недостаток на соработка и поддршка од локалната власт и бизнис секторот до потреби за економски развој кај специфични целни групи, како што се занаетчиите. Одобрените грантови и проекти ќе се спроведуваат низ целата територија на Македонија затоа што предизвици за решавање има насекаде, уште повеќе што тие некогаш се поизразени надвор од главниот град“, објасни Милевска.

Ирена Иванова, претставник од Делегацијата на ЕУ во Скопје, потенцира дека проектот е дел од ЕУ Инструментот за граѓански организации. Преку овие мали грантови ќе се овозможи да се зајакнат капацитети на овие граѓански организации во делот на следење на ЕУ правилата и зајакнување на нивниот начин на делување преку спроведување на проекти во наредните 10 месеци.

Целта на ЕУ политиките за граѓанско општество е да се слушне гласот на граѓаните и локалните/централните власти да обезбедат услуги според потребите на граѓаните. Ваквите проекти овоможуваат ова да се реализира во сите региони во државата.

Маша Митровиќ, од германската ASB и нивната канцеларија во Белград, нагласи дека нивната организација има искуство во градење капацитети на граѓански организации за да формираат мрежи и да понудат поддршка на властите за подобрени социјални услуги до граѓаните. Целото свое искуство на Балканот, преку овој проект, ќе го пренесат и во Македонија.

Факти за граѓанските организации во Македонија

Во Централниот регистар на Република Македонија постојат 5.490 регистрирани граѓански организации. Во истражувањето спроведено во јули 2017 година, беа исконтактирани 3.115 граѓански организации. Притоа, добиени се следниве заклучоци:

Области на делување

Најголем број организации делуваат во следните области:

  • Образование и истражување – 27%
  • Здравство и социјална работа и хуманитарна работа – 21%
  • Култура/уметност – 18%

Годишен приход

Најмногу организации (36%) имаат годишен приход од 2.500 евра, додека 21% од организациите немале никаков годишен приход.

Вработувања

Околу 33% од граѓанските организации немаат трајни вработени лица, 18% имаат помеѓу две и пет трајни вработени лица.