Грандиозна железничка станица станува хотел со пет ѕвезди

38

Порано важела за грандиозна железничка станица, но пропаднала поради пожар, оштетување на пругата и војна. Станува збор за железничката станува во селото Канфранк, сместено на 1.000 метри надморска висина на француско – шпанската граница, којашто 51 година по затворањето ќе стане хотел со пет ѕвезди.

“Шпанија со оваа станица сакала да покаже дека е способна да изгради нешто слично на железничките катедрали во Европа, но до моментот кога зданието е целосно изградено, тоа веќе почнало да пропаѓа и концептуално и технички во 19-от век“, вели Алфонсо Марко, автор на книгата Канфрак, приказна за легендарниот воз, а пренесува Гардијан.

Проблемот бил во тоа што станицата е осмислена во 1852-та година, а завршена дури во 1928-ма година. Само што била отворена железничката станица, веднаш се соочила со првиот предизвик, а тоа е голема финансиска криза во 1929 година. Две години подоцна е тешко оштетена во пожар, додека во 1936 година, почнала Шпанската граѓанска војна, а веднаш потоа и Втората светска војна. Меѓународниот сообраќај на железницата е обновен во 50-тите години на минатиот век.

На француската страна колосекот бил со различна ширина од оној во Шпанија, па патниците и багажот морала да се префрлат од еден во друг воз, што го продолжувало времетраењето на патувањето.

Нова надеж за овој објект е хотел со 104 соби, за што се одвоени 27 милиони евра. Фасадата на станицата ќе биде зачувана, но зад постоечката ќе се гради сосема нова станица. Комплексот ќе има конференциски центар со 200 седишта, железнички музеј, продавници и слично. Инвеститорите се надеваат дека хотелот ќе го заживее селото кога активностите ќе завршат на крајот на следната година.

Фото: Pexels