Грчка компанија за откуп на земјоделски производи ќе инвестира во Македонија

40

grcka investicijaГрчката компанија Харма Фрут за откуп на земјоделски производи ќе инвестира шест милиони евра во земјава, а планирано е до крајот на годината да изгради центар за откуп и пакување земјоделски производи и ладилник во Гевгелија вреден три милиони евра.

Грчката инвестиција веќе регистрираше фирма во земјава под името Агритера.

„Агритера е изненадена од конкурентната бизнис клима што Македонија ја нуди на инвеститорите и овозможува извоз на висококвалитени земјоделски производи во Европа и пошироко“, изјави министерот за странски инвестиции, Џери Наумоф.

Покрај трите милиони евра што ќе бидат инвестирани годинава во откупниот центар, Агритера планира да вложи дополнителни три милиони евра.

Идеалната местоположба, поволните климатски услови и квалитетот на земјоделски производи, за сопственикот на Агритера, Кристос Келесидис, биле пресудни да инвестираат во Македонија.

„Сакам да се заблагодарам за гостопримството и условите за работа што ни ги овозможија. Имаме големо искуство во овој бизнис и сакаме да го смениме начинот на работа во вашата земја во земјоделството и во производството. Тука сакаме да направиме голема фабрика со која ќе бидеме конкурентни на европскиот пазар“, изјави Келесидис.

Харма фрут е една од најголемите грчки компании за откуп на земјоделски производи со 20 годишно искуство, а своите производи ги пласира на пазарите во Европа, Блискиот Исток и Русија.