Грчката влада ќе ја поддржи економијата со 42,7 милијарди евра

22

Мерките кои грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги соопшти во саботата за време на неговиот говор на Меѓународниот саем во Солун, денеска детално ги објаснија министерот за финансии Христос Стајкурас и неговите заменици, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за мерки за поддршка на граѓаните и бизнисите, со низа даночни олеснувања, а за периодот 2020-2022 година достигнуваат до 42,7 милијарди евра.

“Вкупните трошоци за дополнителните развојни интервенции, од кои некои веќе беа вклучени во буџетот, изнесуваат 2,4 милијарди евра во 2022 година, од кои 2,1 милијарди евра се намалување на даноците и придонеси за осигурување. Така, трошоците за дополнителни мерки за стимулирање на расположливиот доход на граѓаните, особено на средната класа, се околу 3,5 милијарди евра за две години 2021-2022 година и вкупно 42,7 милијарди евра за периодот 2020-2022 година“, истакна Стајкурас.

Меѓу мерките за оваа и следната година се и: 1.200 евра за шест месеци за вработување на лица од 18 до 29 години без работно искуство, за справување со невработеноста кај младите, а половина од износот ќе биде за работодавачот, половина за вработениот; зголемување за 20 отсто на надоместокот за греење; надомест за да се покрие зголемувањето на електричната енергија за секое домаќинство за изминатите четири месеци од годинава, итн.

Дополнително, планирано е продолжување за 2022 година на: намалениот данок на придонесите за осигурување, на данокот на добивка на бизнисите, на намаленото ДДВ за превозот, кафето и безалкохолните пијалаци, кината и туристичкиот пакет, во фитнес центрите и училиштата за танц.

Министерот за финансии на Грција додаде дека проценката за годинешниот раст сега изнесува 5,9 отсто што е “силно закрепнување, покривајќи над две третини од загубата во 2020 година” и станува збор за сосема реално предвидување.