Грчки лекари: На плажа веројатно во јули

132

Грчките лекари проценуваат дека попуштањето на ограничувањата поради пандемијата од новиот коронавирус во нивната земја би можела да започне во мај, а во јули веројатно ќе може да се оди на плажа, пренесува порталот in.gr, проценувајќи дека нивните проценки се оптимални, додека има такви кои предупредуваат дека дури и тогаш животот нема да биде како што беше пред пандемијата.

“Тешко е да се предвиди иднината, но Грција работи многу добро“, рече претседателот на Националниот совет на Грција за истражувања на технологии и иновации Емануил Дермицакис, професор по генетика на Медицинскиот факултет во Женева и директор на Центарот за генетика Health 2030, за државната новинска агенција APE-MPE.

“Ако бројот на пациенти и смртни случаи значително падне, ние ќе зборуваме за ублажување. Верувам дека од мај, мерките ќе започнат да се намалуваат, но постепено, со стратегија, со приоритети. Верувам дека луѓето ќе можат во јули поудобно да одат на плажите, а можеби и да патуваат на островите. Но, само ако развојот е како што е сега“, рече генетичарот.

Со население од 11 милиони, Грција има 1.755 заболени лица заклучно со понеделникот навечер, вкупно 79 смртни случаи (шест повеќе од претходниот ден) и 78 излечени.

Дермицакис смета дека генетскиот профил на пациентот, во комбинација со геномскиот профил на короната, во најголем дел е одговорен за огромните разлики забележани во клиничките симптоми од личност до личност и додава дека тоа е познато и кај хепатитисот, СИДА-та и многу други заразни болести.

Април пресуден

Април е клучен за вирусот во Грција, изјави за атинската TV-MEGA професорот за клиничка вирологија на Универзитетот во Крит, Јоргос Сурвинос, кој исто така е член на Управниот одбор на грчката организација за јавно здравје.

Сурвинос објасни дека април е клучен, бидејќи значителен дел од постепениот развој и ширење на коронавирусот во општеството веќе помина, а од пресудно значење е и понатаму да биде постепено.

Затоа, тој верува дека бројките ќе продолжат да растат, дека врвот на ширењето сè уште не е постигнато и дека кога трендот на кривата ќе се спушти, тогаш ќе можеме да се зборува за промена на ограничувањата.

“Но, не очекувам дека тоа ќе се случи во април. Поповолно сценарио е почетокот на мај“, рече Сурвинос.

Заболено помалку од 1% од населението

Професорката по пулмологија, Анастасиа Котаниду за TV MEGA изјави дека Грција е во добра фаза и дека здравствениот систем може да реагира на сите сучаеви.

Таа нагласи дека разликата помеѓу Грција и другите земји е тоа што благовремено се преземени сите мерки за ограничување на коронавирусот.

Вонредната професорка по епидемиологија и медицинска статистика на Универзитетот во Атина, Вана Сипса, очекува многу брзо да падне трендот на кривата, но и предупредува на тоа дека може лесно да се промени и да “побегне“ нагоре.
Според нејзини проценки, заболени се помалку од 1% од жителите на земјата.

Да не се враќаат сите ученици одеднаш

Професорот по јавноздравствена политика на Лондонската економска школа и претставник на грчката влада во меѓународните организации за Ковид-19, Елиас Мосиалос рече дека е многу воздржан, особено кон отворањето на училиштата.

Тој нагласи дека е погрешно да се претпостави дека со укинување на ограничувањата, сите автоматски ќе ѝ се вратат на својата претходна дневна рутина и ќе се живее како што беше пред пандемијата.

Професорот Мосиалос истакна дека, врз основа на искуството во Кина, 10 до 12 недели од денот на преземањето на мерките, тие треба да бидат засилени за да се обезбеди дека потоа нема да има проблем.

Фото:Pixabay