Грчкиот парламент ги усвои реформите, протести на улиците на Атина

23

atina

Грчкиот парламент рано утрово го усвои пакетот реформи како услов за преговорите со еврозоната за финансиска помош од 86 милијарди евра.

Во парламентот, 229 пратеници гласаа за, 64 против, а шест беа воздржани, јавуваат агенциите. За тоа време, пред парламентот се собраа противниците на новиот пакет мерки. Демонстрантите ја маваа полицијата со молотови коктели, која пак им возврати со солзавец.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас им порача на пратениците дека не верува во мерките, но ги повика да ги поддржат. Истакна дека не бега од одговорноста и дека ќе продолжи со реформите и борбата против корупцијата.

Новите мерки вклучуваат зголемување на даноците и покачување на старосната граница за заминување во пензија. Грчките власти проценуваат дека најголем приход ќе донесе зголемувањето на ДДВ, вкупно 2,39 милијарди евра годишно, а останатиот дел од приходите би доаѓал од зголемување на данокот на осигурување, данок на добивка, данок на луксузна стока… Од Грција се очекува да го реформира пензискиот систем, да скрати од трошењето буџетски пари, да ја имплементира европската директива за банките, да го реши проблемот со ненаплативите кредити…

Ципрас најави дека ќе ги отвори банките откако договорот ќе го потврдат грчкиот парламент и парламентите на другите европски земји.