Грчкиот туризам имаше рекордна 2023 година и покрај пожарите

24

Минатата година и покрај големите пожари, приходите на грчкиот туристички сектор се зголемени за 16,5 отсто на рекордни 20,6 милијарди евра во однос на претходната година.
Бројот на туристи се зголеми за една петтина, на 36 милиони, пренесе француската новинска агенција АФП.

Грција минатата година беше погодена од долг топлотен бран, што резултираше со големи шумски пожари. Жештината и пламените јазици однесоа 20 животи, а пожарот уништи 175.000 хектари земја.

Во јули, кога топлотниот бран го достигна својот врв, околу 20.000 луѓе мораа да бидат евакуирани од островот Родос поради пожари. Грчките власти пред неколку недели најавија дека ќе издаваат ваучери за еднонеделно сместување во хотели во вредност до 500 евра со ограничено време на користење на евакуираните туристи.

Туризмот е многу важен економски сектор за Грција, бидејќи придонесува околу една петтина од бруто домашниот производ. Неодамна земјата се бори со незадоволството кај туристите поради пренатрупаноста на одредени локации и високите цени.

Како одговор, властите, меѓу другото, воведоа ограничување на бројот на посетители на познатиот Акропол во Атина, кој важи за едно од најпосетуваните места во земјата.