Грција ги затвора банките и берзата

19

grcija

Грчките банки и берзата денеска нема да работат, одлучи вчера грчката влада. Банките, според одлуката на Владата, ќе бидат затворени цела недела, до 6 јули. Повлекувањето на средства од банкомати ќе биде ограничено, порача грчката влада, откако донесе одлука за контрола на капиталот.

Според пишувањата на агенциите, од банкоматите ќе можат да се подигнат максимално 60 евра дневно, додека за странските туристи и оние со кредитни картички од странски банки ќе нема ограничувања.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас ги повика граѓаните да го зачуваат мирот и нагласи дека штедните влогови, платите и пензиите на граѓаните се гарантирани.

Еврогрупата не го прифати грчкото барање за продолжување на програмата за помош за неколку денови, која истекува на 30 јуни. Ципрас ги обвини европските партнери и Европската централна банка, која ги замрзна кредитите за Грција, дека вршат притисок врз земјата и дека нема да се откаже од референдумот планиран за 5 јули. На референдумот граѓаните треба да одлучат дали Грција ќе го прифати пакетот економски реформи што го предложија доверителите во замена за нови кредити со кои земјата би избегнала банкрот. Доверителите од Грција бараат да прифати и спроведе реформи во пензискиот и даночниот систем, а Ципрас, кој на изборите во јануари вети дека се откажува од штедење, ова барање го нарече “уцена”.

На 30 јуни, на Грција за наплата и пристигнува рата од ММФ од 1,6 милијарди евра.