Во сабота на први август ќе биде отворен првиот подводен музеј во Грција, а посетителите на изложбата, којашто ќе трае до втори октомври, ќе имаат можност да ги видат остатоците и предметите кои се наоѓале на потонат брод од 5-от век п.н.е
Музејот се наоѓа на островот Алонизос во Грција, недалеку од брегот на соседниот ненаселен остров Перистера, пренесувa ANA, а посетителите ќе можат да нуркаат сами или со помош на професионални нуркачи.
Оние кои се плашат од нуркање ќе можат да ја следат изложбата и на “суво”, со помош на виртуелна тура и VR технологија.
Остатоците од бродот кои ќе бидат претставени на изложбата се сметаат за едни од најважните пронајдени антиквитети, а истите се откриени од страна на рибари од Алонизос во 1985 година, недалеку од карпестиот брег на Перистера, на длабочина од 28 метри.
Се смета дека тоа бил голем трговски брод кој потонал поради бура околу 425 години п.н.е. На бродот се наоѓале илјада амфори со вино од Пепаритос и Менди, антички градови некогаш познати по доброто вино.
Фото: Yоutube Printscreen