Грчките власти најавија нови туристички такси во 2025 година со цел да се намали масовниот туризам и да се зголемат приходите.
Според информациите од локалните медиуми во Грција, туристичките такси ќе бидат воведени во различни сектори – дневни такси за сместување, градски такси и такси за крстарења – што ќе го поскапи престојот во Грција значително.
Земјите ширум светот воведуваат нови такси за да ги зголемат приходите, да го заштитат културното наследство од прекумерен туризам или подобро да управуваат со бројот на туристи, а од следната година им се придружува и Грција.
Од 2025 година места како Санторини и Миконос планираат да воведат специјална такса за патниците на крстарење, но се очекува мерката да се прошири и на другите туристички дестинации низ Грција.
На неодамнешниот Четврти регионален конгрес на Панхеленската федерација на хотелиери се разговараше за зголемувањето на такси за отпор на климатската криза и привремениот данок за сместување, пишува Грик Сити Тајмс.
Сепак, некои се загрижени дека во следната туристичка сезона овие промени може негативно да се одразат на атрактивноста на Грција за туристите.
Масовниот туризам во полн ек
Гледајќи ги бројките за 2024 година, туризмот во Грција бележи силен раст. До октомври се регистрирани околу 25 милиони меѓународни воздушни пристигнувања, што претставува зголемување од 8,1 отсто во однос на 2023 година, што е за речиси 1,9 милиони туристи повеќе.
Пристигнувањата на патиштата, исто така, скокнаа за 13,9 проценти, што донесе 10,9 милиони повеќе посетители во споредба со 2023 година. Доколку овој тренд продолжи, Грција би можела да достигне рекордни 38 милиони туристи во 2025 година.
Сепак, туризмот не е рамномерно распореден низ земјата. Од 13-те региони, само пет ги уживаат поголемиот дел од придобивките, додека два региони заземаат најголем дел.
Половина од приходите од туризмот се генерираат само во овие два региона, додека 90 отсто од приходите се концентрирани во пет региони, а останатите осум региони остануваат со само 10 отсто директни придобивки, пишува Грик Сити Тајмс.
Колку ќе бидат новите такси во Грција?
Во 2024 година, Грција забележа голем пораст на пристигнувања на бродови за крстарење, пречекувајќи повеќе од 8 милиони патници, што е зголемување од 20 проценти во однос на претходната година. Санторини пречека рекордни 1,3 милиони патници на бродови за крстарење само во 2023 година.
Затоа патниците на крстарење кои ги посетуваат популарните острови како Санторини и Миконос сега ќе плаќаат 20 евра по лице. За други дестинации, вклучувајќи ги Родос, Крф и Крит, ќе се применува помала такса од 5 евра по патник, пренесува Дневник.рс.
Приходите собрани од овие давачки, заедно со зголемените даноци за краткотрајниот престој во сместување и хотели, ќе бидат насочени кон иницијативи кои ја подобруваат одржливоста и решаваат еколошки проблеми низ цела Грција.
Голем број туристи вршат притисок врз локалната инфраструктура, што доведува до сообраќаен метеж и пренатрупани пешачки места.
Миконос, со население од околу 12.000, беше домаќин на осум бродови за крстарење и 20.000 патници за само еден ден во август 2024 година, што укажува на итна потреба за подобро управување со ресурсите.
Во септември 2024 година, грчките власти ги предложија овие такси за пристигнување, нагласувајќи ја нивната употреба за подобрување на инфраструктурата и одржливи проекти за повеќе дестинации.
Тие ја разгледаа и можноста за дигитален систем за распределба на места за бродови за крстарење, иако овој план се уште се чека на одобрување од парламентот.
Повисоки давачки за патниците и на копно
Почнувајќи од 2025 година, туристите во Грција ќе плаќаат дневна такса од 2 евра, што е зголемување од сегашните 0,5 евра. Оваа такса ќе се зголеми на 8 евра за време на шпицот на сезоната, односно од април до октомври. Дневната такса досега беше 1,5 евра.
Таксата за престој во хотели со висока оцена ќе биде 15 евра, додека останатите сместувања ќе имаат помали даноци.