Грците рекоа “не” на референдумот, Варуфакис и Самарас поднесоа оставки

12

grcija 1

На вчерашниот референдум во Грција, вкупно 61,31% од гласачите се изјаснија “не” за мерките за штедење предложени од кредиторите, а “да” гласале 38,69%. На референдумот излегле 62,5% од регистрираните гласачи.

По објавувањето на резултатите, премиерот Алексис Ципрас изјави дека Грците докажале дека демократијата не може да се уценува, јавуваат агенциите.

Владата со повикот на референдум сакаше да ја зајакне преговарачката позиција со Европа и да постигне договор за финансиска иднина на земјата. Ципрас порача дека резултатот на референдумот не значи прекинување со Европската унија и вети дека ќе се потруди што побрзо да обезбеди нормално функционирање на банкарскиот систем. Владиниот портпарол Габриел Сакелеларидис за телевизијата ANT1 во неделата вечерта најави дека грчката централна банка уште веднаш ќе испрати барање до Европската централна банка на грчките банки да им биде подигнато нивото за итна помош за ликвидност (ЕЛА).

Еврозоната за утре најави одржување на самит на кој ќе се разговара за последиците од грчкиот референдум.

На изненадување на сите, по референдумот, грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис изјави дека поднесува оставка. Тој на својата интернет страна напиша дека е информиран дека некои членови од Европгрупата не сакаат тој да присуствува на нивните состаноци. Варуфакис оценил дека неговото отсуство може да му помогне на премиерот да постигне договор.

Оставка по референдумот поднесе и Антонис Самарас, поранешниот премиер и челник на опозициската Нова демократија, кој водеше кампања за прифаќање на условите на доверителите. Самарас изјави дека на партијата ѝ треба нов почеток и дека се повлекува од водството на Нова демократија.

Вчера по објавувањето на првите резултати од референдумот, еврото падна во однос на доларот за повеќе од 1,5%, јавуваат агенциите. Еврото на берзата во Њујорк падна за 1,54% на 1,09868 долари. Аналитичарите за денеска предвидуваат бурен ден на берзите.