Green deal: Амбициозен еколошки план на ЕУ вреден 1.000 милијарди евра

53

Брисел го претстави својот финансиски план за доближување на Унијата кон “зелена“ економија и нејзино претворање во климатски неутрална, пишува Euronews.

Планот предвидува да се инвестираат најмалку 1.000 милијарди евра во следните 10 години. Европската комисија планира да користи комбинација од приватни и јавни фондови, а ќе биде вклучена и една четвртина од буџетот на ЕУ.

“Ние ќе обезбедиме поддршка на нашите граѓани и нашите региони што ќе треба да направат поголеми напори за да се оствари оваа трансформација, да бидеме сигурни дека никој не заостанува на патот на реформите“, изјави Урсула вон дер Лејен, претседателка на Европската комисија.

Целта на таканаречениот Green deal или во буквален превод “зелен“ договор е до 2050 година, Европската унија значително да ја намали емисија на штетни гасови.

Но, Полска, која е земја членка на Унијата уште на почетокот го отфрли овој договор бидејќи нејзината економија сè уште во голема мера е зависна од јаглен. Скоро 80% од произведената енергија во оваа земја доаѓа од јаглен.

Планот на властите во ЕУ треба да овозможи финансирање на економиите, како онаа на Полска, за полесна транзиција. Целиот процес во Унијата би требало да започне уште на почетокот на оваа година, почнувајќи со лимитирање на штетните емисии од автомобилите, индустриските постројки, поттикнување на обновливите извори на енергија, поддршка за еколошко земјоделство, финансирање на проекти за “озеленување“ на градовите и користење на уреди што користат алтернативни извори на енергија.