Грешки што го празнат паричникот

217

Полниот паричник е само симболика кога станува збор за личните финансии. Има луѓе кои практикуваат да носат само лични документи во паричникот, додека парите и картичките ги чуваат во џеб, но постојат и такви кои сакаат паричникот да им биде секогаш полн со различни банкноти.

Независно од тоа на која група ѝ припаѓате, важно е да ги почитувате овие правила, т.е. да не ги правите овие грешки за да не ви биде паричникот секогаш празен.

Не водите евиденција што трошите

Иако ви изгледа бизарно, сепак водењето евиденција ќе ви помогне да имате јасна слика за тоа каде ви “одат“ парите. Затоа, важно е да направите план и распоред за трошење на парите, бидејќи само така ќе имате поголема контрола над трошоците и увид во секое време.

Не им обрнувате внимание на малите трошоци

Дали некогаш ви се случило да “фрлите“ пари за непотребни работи, сметајќи дека нешто е евтино? Токму оваа грешка може да ви го испразни паричникот. Ако во текот на пазарањето, ја имате таа мисла на ум “Ајде, ова е евтино, чини само 100 денари“, тогаш бидете сигурни дека сто по сто… и паричникот ќе ви се испразни. Не дозволувајте емоциите да ве понесат додека купувате, напротив бидете разумни во трошењето на парите што ги имате на располагање.

Ќе почнам да штедам, ама од утре

Штедењето не значи дека по секоја цена треба да се откажете од нешто денес, за да купите нешто друго утре. Напротив, со штедењето правите сигурен чекор кон иднината, за ситуации во коишто би имале потреба од пари со коишто во моментот не располагате. Навиката за штедење ќе ви помогне полесно да ги организирате личните финансии.

Разумно и кога купувате онлајн

Интересни и привлечни реклами, акции, подароци… сето тоа може да ви го привлече вниманието на социјалните мрежи и да посакате да го купите она што го гледате. Бидете разумни кога купувате онлајн, не заборавајте да го проверите продавачот и внимателно со давањето лични податоци. Пред да порачате, убаво размислете дали она што го видовте ви е навистина потребно или може да се “преживее“ и без тоа.

Фото: Freepik