Грозд од Струмица гради нов производен погон

53

grozd strumica since 1953

Фабриката за производство на алкохолни и безалкохолни пијалаци АД Грозд од Струмица постави камен темелник на нов производствен погон, јавува Миа.

Со инвестицијата од близу три милиони евра, инвеститорите очекуваат поголема конкурентност и пласман на македонските производи на странските пазари и отворање на стотина нови работни места.

“Ова е нов почеток за нас. Многумина прашуваа зошто инвестираме токму сега. Ние тоа го правиме зошто инвестицијата во било која фирма или поединец е единствен начин како да се опстане. Развојот е единствен начин да опстои некоја фирма. Главната поента со изградбата на фабриката е да го опслужуваме странскиот пазар. Во Македонија има малку потрошувачи, а конкуренцијата е голема. Целта ни е нашите производи да ги освојуваат странските пазари“, рече извршниот директор Васе Митев.

Во новиот погон ќе бидат сместени двете нови производствени линии, појасни Митев. Едната за производство на негазирана вода што е нов производ во асортиманот на АД Грозд, а втората линија, која според него е покомплексна, ќе биде за производство на газираниот пијалак Струмка и другите производи од овој сегмент, вклучително и ледени чаеви.

“Во ваква, огромна фабрика за наши услови, секако дека ќе имаме потреба од нови вработувања. Ќе ни требаат млади луѓе кои сакаат и ја гледаат иднината во Македонија. Наместо да гледаат како да заминат оттука, сакаме да им овозможиме да останат тука, да заработуваат, а заедно со нив и ние“, рече Митев.

Новиот погон треба да почне со работа на први декември годинава. АД Грозд од Струмица, која постои 70 години, најпознатите свои производи струмичката мастика, Струмката и другите пијалаци досега ги пласира на пазарите во Европа, Австралија и САД.