Грозданов: Правиме баланс на пазарот кај цената на становите

45

На денешната прес-конференција директорот на АД за стопанисување и изградба со станбен и деловен простор Цветко Грозданов, изјави дека акционерското друштво во државна стопственост, продава поевтини станови во споредба со приватните фирми затоа што настапува со најниска маржа, а има исти давачки за сите останати трошоци што влегуваат во формирањето на цената по метар квадратен.

Грозданов ова го изјави како реакција на тврдењата на одредни приватните фирми дека државното акционерско друштво при утврдување на цената нема исти давачки, односно не плаќа ништо.

“Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор во државна сопственост, прави баланс на цената на пазарот за да не дојде до нејзино вештачко зголемување. И во оваа цена од 795 евра имаме заработувачка. Тие средства што ги имаме од самата маржа ги реинвестираме во градба на социјално ранливите категории. Исто така во овој комплекс во РЦ Аеродором 10% од помалите станови ги отстапуваме за децата без родители”, рече Грозданов.

Toј појасни дека најголем удел има цената на градба, па цената на градежното земјиште, комуналиите и сите други трошоци. Приватните фирми одат со многу повисока заработувачка и многу поголема маржа. Нивните трошоци за комунално уредување за седумте згради со станови во Реонски центар во општина Аеродром, ги чинеле 151.750.494 денари и како што тврди и приватниот и јавниот сектор плаќаат ист износ.

Според информацијата на Грозданов во изминатите два дена, имало интерес од над 200 граѓани за становите во Реонски центар. Таму веќе се продадени 60% од становите.

Исто така продадени се и 60% од становите што ги гради државното претпријатие кај Радиобран, но тие се по цена од 1.100 евра за метар квадратен. Продажбата на становите во внатрешноста оди потешко, бидејќи таму цените по метар квадратен се движат од 500 до 700 евра.

Поради се помалиот интерес за становите во Охрид планираат намалување на цената за околу 50 евра, додека најевтини се становите во Битола, Струмица и во Прилеп.