Грција им подарува 25.000 бесплатни одмори на туристите погодени од минатогодишните шумски пожари

16

Грција им подарува бесплатен одмор на 25.000 луѓе, според планот на владата за обештетување на туристите кои минатата година беа принудени да избегаат од Родос по големите пожари. Секој кој бил евакуиран од хотел на овој остров и кому му бил скратен одморот има право да побара ваучери во висина до 500 евра со кои ќе се покријат трошоците за еднонеделен престој.

Туристите чии апликации се одобрени можат да уживаат во уште еден одмор во Грција во секое време од сега до 31 мај или од 1 октомври до 15 ноември, а според грчките власти, веќе се пријавиле околу 5.000 туристи.

Планот наречен „Недела на Родос“ го објави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во соработка со Министерството за туризам и хотелиерите на Родос, а мерката беше објавена во август минатата година.

Туристите кои веруваат дека имаат право да бараат ваучер мора да контактираат со грчката влада директно преку порталот на веб-страницата на неделата на Родос.

Најголем дел од овие ваучери, пишува Дејли мејл, ќе одат кај Британците, бидејќи тие беа најмногу меѓу евакуираните од Родос минатата година, околу 10.000 од вкупно 25.000 опфатени со планот. Според официјалните податоци, минатата година Грција ја посетиле речиси 4,5 милиони Британци.

„Шемата е започната како што вети премиерот. Тоа беше многу комплициран процес, не и најмалку важно, бидејќи ние сме првата земја во светот што го направи тоа“, изјави за „Гардијан“ Мирон Флурис, генерален секретар на грчкото Министерство за туризам.