Груевски најави три нови странски инвестиции

22

GRUEVSKI.portretДо крајот на годината се очекува три странски компании да ги објават своите намери за инвестирање во Македонија. Две од нив се од медицинската индустрија и една од секторот телекомуникации.

Како што појасни премиерот Никола Груевски, на владина седница треба да помине договорот за закуп за земјиштето со една турска компанија од медицинската индустрија, која најави почетни 250 вработувања, со можност таа бројка да се зголеми.

“Тие веќе на терен вршат геомеханички истражувања на земјиштето каде што треба да биде изградена компанијата. Прашање на време е кога ќе започнат со реализација на својата инвестиција“, изјави Груевски.

Според изјавата на премиерот во наредните недели се очекува на владина седница исто така помине договорот за државна помош и за закуп на земјиштето со друга компанија од медицинската индустрија, но не откри детали околу бројот на вработените.

“Трета која што очекуваме до крајот на овој месец или на почетокот на следниот да објави, е една крупна компанија од Европа која што сака да инвестира во дејност поврзана со телекомуникациите и да вработи неколку стотици лица”, рече Груевски.

Планот на оваа компанија бил во наредните три години да вработи над 1.000 лица.

“Од она што ми беше кажано при последната средба со нив е дека ќе бидат ангажирани лица, главно со високо образование, од различни струки, но со дополнителна обука и ќе бидат насочени во дејноста која што компанијата сака да ја обавува”, рече Груевски.

Премиерот додаде дека овие инвестиции се во сам финиш и очекува наскоро самите компании да ги објават.