Групацијата Триглав во 2021: Рекордни резултати, зацврстување на бизнисот и силен раст на профитот

61

Согласно неревидираните податоци Групацијата Триглав во 2021 година ги зголеми вкупните приходи на 1,46 милијарди евра (раст од 10% споредено со претходната година) и обезбеди добивка пред оданочување во износ од 132,6 милиони евра (раст од 46% во споредба со претходната година). Добрите резултати потекнуваат од осигурително-техничкиот дел на работењето, како и од управувањето со средствата на клиентите во заедничките фондови и од индивидуалното управување. Групацијата Триглав премискиот раст го достигна во сите сегменти на осигурување и на сите пазари каде што делува, притоа зацврстувајќи ја својата позиција на повеќето пазари. Во 2021-ва година Групацијата повторно доби високи оценки »A« од реномирани агенции за кредитен рејтинг. Задоволството на вработените и на клиентите, што компанијата
континуирано го следи, во 2021-ва година повторно се зголеми и достигна највисоко измерено ниво досега. Активностите на Групацијата беа развојно ориентирани и со фокус на клиентите, што останува една од клучните насоки во ревидираната стратегија до 2025 година.

ДОБИВКА ПРЕД ОДАНОЧУВАЊЕ

Според неревидираните податоци, Групацијата Триглав во 2021-ва година обезбеди добивка пред оданочување во износ од 132,6 милиони евра, што е 46 % повеќе, споредено со претходната година. Добивката пред оданочување од осигурително-техничкиот дел на работењето изнесуваше 100,4 милиони евра (индекс 131), добивката од финансиските инвестиции изнесуваше 24,5 милиони евра (индекс 188). Добивката од неосигурителните компании на Групацијата достигна 7,8 милиони евра (1,4 милиони евра претходната година). Нето повратот на капиталот изнесуваше 12,5%.

Претседателот на Управата на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар, притоа изјави: минатата година работевме во услови на сеуште присутната пандемија на ковид-19, засилена конкуренција и под влијание на движењата на пазарите на капитал, кои што останаа неповолни во однос на приходите од камати. Ја покажавме нашата отпорност, прилагодливост и доследност во остварувањето на стратешките насоки. Добрите резултати, кои што се над планираните, потекнуваат од осигурително-техничкиот дел на нашето работење и управувањето со средства на клиентите. Во регионот Адрија сме лидери на пазарот, а во 2021-вата година на повеќето пазари ја зацврстивме нашата позиција. Ја зачувавме финансиската моќ и од агенциите S&P Global Ratings и AM Best повторно добивме високи бонитетни оценки »A«, со стабилна среднорочна прогноза. Клиентите се задоволни од нашата работа, што се потврди со досега највисоки оценки. Висока стапка на задоволство изрази и нашата екипа од над 5.200 вработени, на кои искрено им благодарам за соработката и успешната работа.

ОСИГУРИТЕЛНО-ТЕХНИЧКИ ДЕЛ НА РАБОТЕЊЕТО

Вкупниот приход на Групацијата Триглав се зголеми за 10%, на 1.455,1 милиони евра, а иста стапка на раст забележа и бруто полисираната премија (1.353,0 милиони евра). Со дисциплинирано преземање ризици од осигурување и со фокус на клиентите Групацијата постигна раст на премијата во сите три осигурителни сегменти и на сите пазари. Премијата од неживотно осигурување беше повисока за 12%, премијата за животно и пензиско осигурување за 8% и премијата за здравствено осигурување за 1%. Во Словенија растот изнесуваше 4%, што е за еден процентен поен над движењето на пазарот, а на пазарите вон Словенија изнесуваше 15%. Растот на премиите на меѓународниот пазар изнесуваше 40% и вклучува раст на премиите обезбедени по принципот на слободно движење на услугите, како и премиите за активно реосигурување.

Обемот на бруто исплатени штети на Групацијата Триглав, во висина од 736,6 милиони евра, немаше значителни отстапувања во споредба со претходните две години. На нив влијаеше повеќегодишниот раст на осигурителното портфолио и настаните, кои што беа резултат на природни катастрофи и кои што беа помалку изразени во споредба со претходната година. Динамиката во делот за штети и во 2021-ва година беше под влијание на пандемијата со ковид-19, која што предизвика помала фреквенција на штети за некои видови осигурувања и зголемување на обемот на штети за други,
поради нарушување на некои услуги во претходната година. Комбинираниот коефициент кај неживотното и здравственото осигурување на Групацијата достигна многу поволна вредност од 88,9%. Овој резултат се должи на подобрувањето на
штетниот и на расходниот коефициент, односно на повисокиот раст на нето приходот од премија, во однос на растот на нето расходите од штети, поддржан со зголемување на другите приходи од осигурување и со намалување на нето-трошоците за бонуси и попусти.

Вкупните консолидирани бруто оперативни расходи на Групацијата Триглав изнесуваа 333,4 милиони евра. Нивниот пораст од 9% главно произлегува од растот на трошоците за аквизиција на осигурување, дигитализацијата и инвестициите во информатичката технологија.

Групацијата обезбеди 5% повеќе технички резерви, споредено со претходната година, (3.198,7 милиони евра). Членот на Управа на Заваровалница Триглав, Урош Иванц, појасни: покрај зголемениот обем на работење, на добрите технички резултати влијаеше и релативно помалата фреквенција на штети и поволниот развој на
резервациите за штети, формирани во претходните години. Како и секогаш, ние
управувавме со нашите технички резерви конзервативно и претпазливо.

ИНВЕСТИЦИСКО ПОРТФОЛИО И СРЕДСТВА ПОД УПРАВУВАЊЕ

Ниските каматни стапки очекувано влијаеа на приносите на инвестициското портфолио на Групацијата. Неговата вредност се зголеми за 5%, на 3.668,5 милиони евра. Групацијата не го промени значително конзервативниот состав на портфолиото и активно ги прилагодуваше акциите на поединечните инвестициски класи преку активно инвестирање, со цел да постигне висок кредитен рејтинг на целото портфолио.

Управувањето со средствата на клиентите во инвестициски фондови и индивидуалното управување беше успешно поради состојбите на финансиските пазари и нето-приливите. Обемот на средствата на клиентите се зголеми за 33%, на 1.539,3 милиони евра. Групацијата Триглав, со пазарен удел од 31,8% е еден од водечките управувачи со средства во взаемните фондови во Словенија.

ОДРЖЛИВА ОРИЕНТАЦИЈА (ESG)

Групацијата Триглав ги дефинираше своите стратешки одржливи амбиции до 2025 година и, водејќи грижа за одржливиот развој, создава долгорочна стабилна основа за профитабилно и сигурно работење, ја промовира транзицијата кон одржливо општество и го намалува своето влијание врз климатските промени. Интегрирајќи ги најдобрите глобални пракси на ESG во своето работење, Групацијата се стреми да има водечка улога во регионот.

На почетокот на оваа година Заваровалница Триглав стана потписник на Принципите на Обединетите нации за одржливо осигурување (UN PSI) и со тоа се приклучи на Финансиската иницијатива на Обединетите нации за животна средина (UNEP FI). Таа, исто така, стана потписник на иницијативата PCAF (»Partnership for Carbon Accounting
Financials«), чија цел е да се погрижи за усогласување на насоките на финансиската индустрија со целите на Парискиот договор. Групацијата го подобри начинот на јавното објавување за ESG со додавање на објави, согласно Одборот за одржливи сметководствени стандарди (SASB), кон долгорочната примена на иницијативата за Глобално известување (GRI).

СПРОВЕДУВАЊЕ НА ПОЛИТИКАТА ЗА ДИВИДЕНДИ

Заваровалница Триглав смета дека нејзината политика за дивиденда е цврста обврска кон акционерите и ја спроведува онака, како што е утврдена. Во 2021-ва година, на ова влијаеше ситуацијата со пандемијата со ковид-19 и барањата од страна на регулаторот за  осигурување. Компанијата ги исполни овие барања и затоа можеше да исплати дивиденда во 2021-ва година. Вкупно 53% од консолидираната нето добивка на Заваровалница Триглав за 2020-та година беше распределена за исплати на
дивиденди, што претставува дивиденден принос од 5%.

ФОКУС НА КЛИЕНТОТ.

Групацијата Триглав во своето работење во 2021-ва година продолжи да биде насочена кон развојот. И во двете дејности, осигурувањето и управувањето со средства, таа го зајакна својот фокус на клиентот и неговото корисничко искуство, со цел да го направи извонредно и униформно низ сите канали и процеси, производи и компании на Групацијата. Продолжи со воведување нови, едноставни и флексибилни производи (на пример модуларни осигурувања), го прошири опсегот на асистентски услуги, го олесни обезбедувањето на осигурување и пријавувањето на штетни настани, ги прошири каналите за комуникација со клиентите и ја надгради функционалноста на веб-апликациите за клиентите, во двете дејности.

Во согласност со повеќеканалниот пристап, ги поврза традиционалните продажни канали со нови (дигитална продажба, зајакнување на банкарски канали, мобилни оператори) и воведе хибриден метод на продажба (истовремена можност за продажба
на далечина и преку личен контакт). Долгорочната конкурентна предност на Групацијата е надградбата на осигурителните и финансиските производи со асистентски и сродни услуги, кои што се поддржани со современи информатички и дигитални решенија. Во такви деловни екосистеми, Групата работи заедно со партнерската мрежа на изведувачи, надградувајќи ги во повеќе области услугите, за да овозможи целосно решение на потребите на клиентите.

Во согласност со планираната географска диверзификација на операциите, Групацијата влезе во нови стратешки партнерства и преку нив започна со работа и во Полска и во Данска, со што го прошири своето сегашно присуство во Грција, Италија, Норвешка и Холандија. Овие облици на бизнис, кои што во моментов сеуште се нематеријални во однос на обемот на премија, важни се од развојна гледна точка.

СТРАТЕГИЈА ДО 2025 ГОДИНА

Групацијата Триглав, со ревидираната стратегија, продолжува да спроведува развојни активности во насока на дигитална трансформација, како и развој на услужно ориентирани деловни модели и екосистеми. Работењето на Групацијата Триглав, водечка осигурителна и финансиска групација во регионот Адриа, се планира да остане профитабилно и безбедно. Во стратешкиот период се планира 10% поврат на капиталот (ROE), а во 2025-та година вкупните приходи се очекува да надминат 1,6 милијарди евра. Со ориентација кон одржливо работење, Групацијата останува развојно ориентирана средина за вработените, поврзана со партнерите и стабилна, сигурна и профитабилна инвестиција за инвеститорите. Претседателот на Управата на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар, изјави: во деловната 2022-ра година, влеговме со ревидирана стратегија до 2025-та година. Со неа поставуваме амбициозни стратешки насоки и цели, кои што се надградени во доменот на развој, и ја следиме нашата мисија за градење на побезбедна иднина за сите засегнати страни.