Gucci – симбол за софистицираност и луксуз

534

gucci-fb

Успешната приказна на познатиот италијански моден бренд Gucci започнува во Италија на почетокот од 20-тите години од минатиот век. Според листата на Forbes, овој италијански моден бренд “тежи“ околу 12 милијарди долари, со годишна продажба од 4,3 милијарди долари.

Почетоците на Gucci и неговиот основач Гучио Гучи

Гучио Гучи е основач на овој моден бренд. Тој е роден во 1881 година во италијанскиот град Фиренца, а како млад работел во хотели во Париз и Лондон. Тој бил импресиониран од луксузниот багаж што со себе го носеле гостите од хотелите во коишто работел. Во 1920 година се враќа во родната Фиренца, каде што отвора продавница во којашто се продаваат производи од кожа и други класични производи. Потоа, Гучи заедно со своите три сина, Алдо, Васко и Родолфо, го проширува бизнисот во Милано и Рим. Овие продавници биле опремени со кожна галантерија, чанти и чевли со уникатни модни додатоци. Во текот на Втората светска војна, поради недостиг на материјали, кожните чанти на Gucci добија платнена варијанта.

Неговите синови, Алдо и Родолфо, во 1953 година отвораат канцеларии во Њујорк. Сè повеќе филмски ѕвезди и познати личности стануваат зависници од овој моден бренд, којшто стана своевиден статусен симбол. Компанијата нижеше успеси до 70-тите години од минатиот век, но 80-тите поминаа во знакот на семејни расправии што предизвикаа турбуленции во работата на Gucci.

gucci-logo-fb

Препознатливото Gucci лого

Логото по коешто е познат овој бренд се двете букви G на латиница завртени една кон друга, што го симболизираат името и презимето на основачот. Логото ги дизајнираше еден од синовите на Гучио Гучи, Алдо. Со текот на времето ова лого стана симбол за софистицираност и луксуз, но и мета на голем број плагијати. Чантите и паричниците на Gucci се едни од најфалсификуваните производи во светот.

Gucci денес

Gucci и денес го ужива приматот најскап моден бренд, а во исто време и еден најпродаваните во Италија. Во светот се отворени околу 270 продавници. Актуелен сопственик на Gucci е францускиот холдинг Kering, под чија капа се и: Alexander McQueen, Balenciaga, Brioni, Puma, Volcom, Saint Laurent Paris и други луксузни и спортски модни брендови што се продаваат во 120 земји. Во 1999 година, оваа групација презема 42% од акциите на Gucci, а веќе во период од 2001 до 2004 година доби сопственост до 99,4%.

Марко Бизари е главен извршен директор на компанијата од јануари 2015 година, додека креативен директор на Gucci од истиот период е италијанскиот моден дизајнер Алесандро Мишеле.

gucci

Познатите и Gucci

Меѓу познатите кои се најверни купувачи на овој бренд се актерите: Блек Лајвли, Бред Пит, Дру Баримур, Селма Хаек, како и пејачките: Ријана, Феит Хил, Кајли Миног и многу други.

Интересни факти за Gucci

  • Првите големи клиенти на Gucci биле “аристократи што јаваат коњи“.
  • Препознатливата свилена марама со цветни елементи за прв пат е направена по барање на Грејс Кели во 1966 година.
  • Во 1947 година, Gucci ја претстави позната чанта од бамбус – Bamboo bag, којашто има рачки од бамбус.
  • Првата ревија на Gucci е организирана во Фиренца во 1981 година.
  • Gucci работеше на над 210 проекти во 81 земја во рамки на кампањата Chime for Change, за зајакнување на позицијата на девојчињата и жените ширум светот.
  • Италијанскиот моден бренд е партнер со UNICEF од 2005 година.

Фото: Facebook и Gucci.com