Гувернерката на Банката на Русија навести уште едно зголемување на каматните стапки

41

Гувернерката на Банката на Русија Елвира Набиулина најави можност за уште едно зголемување на основната каматна стапка до крајот на тековната година. Стапката во моментов е на 15 отсто, а гувернерот посочи дека централната банка би можела да започне со намалување на стапката следната година, доколку инфлацијата се намали.

Според неа, слабеењето на рубљата во текот на изминатото лето е пред се последица на постојаните домашни инфлациски притисоци, а не на промените на надворешните услови, пренесува ТАСС. Цврстата монетарна политика и високата клучна стапка овозможуваат да се избегне „самоодржлива девалвација“ на рубљата, истакна Набиулина.

„Нашата цел не е да ја држиме рубљата во одреден опсег, туку да ја одржиме динамиката на курсот. Курсот е чувствителен показател за состојбата на домашната побарувачка и влијае на инфлаторните очекувања, а монетарната политика насочена кон одржување на ниска инфлација ќе обезбеди стабилизирање на курсот, рече гувернерката.

Таа додаде дека со тоа се спречува она што може да се нарече самоодржлива девалвација поради инфлаторните спирали, што е опасна појава. Ова се случува во земјите каде каматните стапки се држат под инфлацијата долго време, каде што започнува еден вид инфлаторна и во исто време девалвациска спирала.

Набиулина рече дека Банката на Русија ќе одржува цврста монетарна политика неколку квартали со цел инфлацијата да се врати на целта од четири проценти до крајот на следната година. Според прогнозата на централната банка, инфлацијата на крајот на оваа година ќе биде меѓу седум и 7,5 отсто, а следната година меѓу четири и 4,5 отсто.

Гувернерот на Банката на Русија оцени дека врвот на инфлацискиот притисок веќе е поминат, во третиот квартал, и дека инфлацијата ќе почне да опаѓа на годишна основа на пролет. Ова, рече таа, се должи на базните ефекти од првата половина од минатата година кога инфлацијата беше ниска. Таа предвиде дека инфлацијата ќе се намали на четири проценти на крајот на 2024 година.