H&M ќе подели 1.500 откази

81

Шведскиот синџир за облека H&M најави дека ќе укине 1.500 работни места со цел да ги намали трошоците во период на послаба побарувачка од граѓаните поради кризата со трошоците за живот.
Шведската компанија вработува приближно 155.000 работници, а во септември почна да спроведува план со кој треба да заштеди две милијарди шведски круни (183 милиони евра) годишно.

Тие планираат да резервираат трошоци за реструктуирање од 800 милиони шведски круни во четвртиот деловен квартал, кој завршува во ноември. „Програмата за трошоци и ефикасност што ја започнавме вклучува преглед на нашата организација. Свесни сме дека тоа ќе влијае на нашите колеги“, рече извршната директорка на H&M, Хелена Хелмерсон.

„Ќе ги поддржиме колегите во изнаоѓањето на најдоброто можно решение за нивниот следен чекор“, додаде Хелмерсон. Резултатите од реструктуирањето треба да бидат видливи во втората половина на 2023 година, соопшти H&M.