Хакиран е луксузот: „Картие“ и неговата клиентела под удар

Компанијата за накит „Картие“, која е во сопственост на холдинг компанијата „Ричемонт“, објави дека нејзината веб-страница била хакирана и дека биле украдени некои податоци на клиентите, објави „Ројтерс“.

Компанијата, која е позната по своите часовници, ѓердани и нараквици што ги носат познати личности како пејачката Тејлор Свифт, актерката Анџелина Џоли, како и поранешната прва дама на Соединетите Американски Држави, Мишел Обама, ги информирала своите клиенти за хакерскиот напад преку е-пошта.

Како што изјави Картие, „неовластена страна“ привремено имала пристап до нивните системи.

Според е-поштата, украдени се само „ограничени податоци за клиентите“, вклучувајќи имиња, е-адреси и земји на живеење.

Компанијата нагласи дека украдените податоци не вклучуваат лозинки, информации за кредитни картички или други банкарски информации.

– Овој проблем моментално е решен – беше наведено во соопштението на компанијата, која исто така ја зајакна заштитата на своите системи и податоци.

Како што објави Ројтерс, нападот врз Картие е најновиот во низата инциденти во кои компаниите станаа мета на сајбер криминалци.

Британскиот трговец на мало Маркс и Спенсер минатиот месец објави „високо софистициран и насочен“ сајбер напад во април, кој се проценува дека го чинел околу 405 милиони долари профит.

Францускиот бренд Диор, исто така, изјави дека бил хакиран и дека податоците за клиентите биле украдени, додека The North Face објави напад во април.