Халк и Зираат банка се спојуваат

55

Се окрупнува банкарскиот сектор. Двете турски банки што работат во Македонија, Халк и Зираат банка се спојуваат.

Комисијата за хартии од вредност вчера соопшти дека на Халк банка и даде одобрение да издаде 11. емисија на долгорочни хартии од вредност со што ќе ја зголеми основната главнина за да се реализира присоединување со Зираат банка.

„Со единаесеттата емисија на акции, Халк банка ќе издаде 100.954 обични акции, со вкупна продажна вредност од една милијарда денари. Оваа емисија на Халк банка ќе се реализира како приватна понуда, бидејќи е наменета за институционалниот инвеститор – Т.Ц. Зираат банкаси А.С. Туркиш, кој е единствен акционер на Зираат банка“, соопшти Комисијата за хартии од вредност.

За спојувањето на овие две банки се зборува уште од крајот на мината година. Турските медиуми пишуваа дека нивната Халк банка ќе ја купи, исто така, турската Зираат банка, или претставништвото на оваа банка во Македонија, но тогаш од Халк банка во Скопје, информираа дека банката нема донесено одлука за таква трансакција.

Турската Халк банка е во мнозинска државна сопственост и има своја банка-ќерка во земјава. Таа во април минатата година ја презеде целосно скопската ИК банка, со зголемување на уделот во банката до нивото од 91,6%. Со тоа го зголеми и вкупниот капитал на Халк банка – Скопје до над 30 милиони евра. Во август лани, пак, капиталот на македонската Халк банка порасна за 24 милиони евра преку нова емисија на акции. Акциите ги купи турската Халк банка.

Зираат банка е прва турска банка која отвори експозитура во Македонија уште во 1998 година и има четири филијали од кои две во Скопје и по една во Тетово и во Гостивар. Капиталот на банката на крајот од 2010 година изнесуваше 17,5 милиони евра.