Хаос на маса

54

biro

Фото: Pixabay

Велат дека каква ти е работната маса, таков ти е карактерот. Ако е така, тогаш ова што ви го пишувам баш и не ми иде во прилог, но пробувам да се променам. Фала Богу, тука е познатата изрека:

„Ако преполна работна маса е знак за преполн мозок,

тогаш празна маса за што е знак?”

Алберт Ајнштајн

Но, тоа не ни дава за право дека работната маса треба да ни е во хаос и секогаш пренатрупана со разно-разни работи. Сум видел маси кои се толку хаотични што дури и  листовите имаат прашина. Тоа, пак, е голема срамота. Сигурен сум дека половина од работите на нив едноставно не се потребни и одамна треба да се или во канта за отпадоци или да се на друго место, да не кажам, на свое место.

Но, на почетокот реков дека и јас сум понекогаш од тие на кои работната маса може да им биде хаотична, па еве ви неколку мои лично совети како се справувам со тоа:

  • Делегирање – гледам работите што треба да ми ги остават на бирото или треба да завршам, веднаш да ги делегирам. Не дека е работата „прејди грижа на другиот“, туку ако тоа не е моја обврска или јас да го завршам, тогаш зашто да седи кај мене и да чека?
  • Систем – правам систем, која работа каде да биде на масата. Така можам многу лесно да ги најдам работите. Тука може многу добро да ви дојдат и пластични кластери во кои може да ги ставате работите.
  • Простор – вашата маса е вашиот работен простор. Во него се вклучени и фиоките. Понекогаш и тие може да ми се во хаос, но многу ретко. Фиоките ми се помошно место за да ми биде чиста масата. Затоа внимавам и на нив и тие ми се во ред.
  • Секојдневни работи – работите што ги користам секојдневно, како што се пенкала, моливи, фломастери и слично, ми се наоѓаат на едно место, но лесно достапни. На крајот на денот, доколку некои од нив сум оставил на масата, ги враќам назад кај другите.
  • Дополнителни работи – на маса имам и неколку цвеќиња. Да, тие ми го намалуваат просторот, но тоа го гледам како позитивна работа. Ем ми е поубава работната маса, ем ми влијаат на тоа дека немам многу простор, па сакал или не, мора да се придржувам до сите горенаведени работи.
  • Дневно чистење – пред да си одите, направете ревизија на работите кои ви се на маса. Сите хартии, пенкала, фломастери, моливи и други работи, подредете ги, ставете ги на своето место. Ако не, најмалку што можете да направите е да ги соберете на едно место, барем привидно да изгледа дека масата ви е спастрена. Со тоа се лажете себе си, но подобро е така отколку да е хаос.
  • Неделно расчистување – на крајот на неделата задолжително правам ревизија на она што ми е на маса. Понекогаш знам да најдам работи кои не треба да се на маса, туку треба да се во некоја фиока или треба да се кај некој друг.

И да знаете, треба многу време. Треба да истрпите и доста критики. Но немојте да се откажувате, само направете систем како да ви биде во некој ред масата на која работите.

Со успех во промените.

Ако имате прашање за Калин Бабушку, можете да го поставите на Бизнис советник.