Харвард ја тужи администрацијата на Трамп

Универзитетот Харвард ја тужеше администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп поради заканите дека ќе го скрати финансирањето на оваа високообразовна институција од милијарди долари.

Претседателот на Харвард Алан Гарбер го обвини Стејт департментот дека се обидува да воспостави „невидена и несоодветна контрола“ врз универзитетот и предупреди дека последиците од дејствијата на владата ќе бидат „тешки и долготрајни“, пишува „Њујорк тајмс“.

 

 

Во тужбата, поднесена до федералниот суд во Масачусетс, владата е обвинета дека започнала широк напад како „потпора за стекнување контрола врз академското одлучување на Харвард“.

Во тужбата како обвинети се именувани секретарот за здравство и хуманитарни услуги Роберт Кенеди Џуниор, секретарот за образование Линда Мекмахон, вршител на должноста администратор на Управата за општи услуги Стивен Ехикијан, јавната обвинителка Памела Бонди и неколку други функционери.

Тужбата, исто така, упатува на други големи универзитети кои се соочија со ненадејни кратења на финансирањето.

Минатата недела администрацијата на Трамп се закани дека ќе ги укине визите за меѓународните студенти на Харвард, откако универзитетот одби да ги исполни барањата на администрацијата.

Тужбата сигнализираше голема ескалација во тековната битка меѓу високото образование и Трамп, кој вети дека ќе ги „врати“ елитните универзитети, оценува американскиот весник.

Администрацијата ја означи својата кампања како борба против антисемитизмот, но таа исто така таргетираше програми и настава поврзани со расната различност и родовата идеологија.

На почетокот на овој месец, Стејт департментот му испрати на Харвард листа со барања кои вклучуваа ревизија на професори за плагијат, известување до федералната влада сите меѓународни студенти обвинети за недолично однесување и назначување надворешен надзорник за да се осигура дека академските катедри имаат „различни перспективи“.