H&M ги качува цените за да им ги зголеми платите на работниците

55

HMШведскиот текстилен гигант H&M порача дека ќе ги зголеми цените на своите производи за да обезбеди повисоки плати за работниците кои работат во посиромашните земји во светот. Изјавата доаѓа по состанокот што се одржа во Стокхолм, на кој е донесен план за зголемување на платите на работниците во земји како на пример Бангладеш, каде просечната плата во оваа индустрија е под 50 евра месечно, јавува АФП.

Хелена Хелмерсон, шеф на секторот за одржливост, за АФП изјави дека подигањето на малопродажните цени е една од можностите на долг рок, но дека купувачите не треба да очекуваат раст на цените во скора иднина.

“Ќе треба да поминат години за работниците во Бангладеш да можат да живеат од своите плати, но ние сме пооптимистични од порано, затоа што во ова учествуваат сите, синдикатите, работниците, добавувачите и владата”, изјави Вивека Рисберг од агенцијата за надзор на шведските мултинационални компании, Swedwatch.

Хелмерсон наведува дека компанијата ќе го искористи своето влијание меѓу добавувачите за да промовира повисоки плати, обука за работниците и признавање на улогата на синдикатите во преговорите за плата.

H&M си постави цел до 2018 година да ги подигне платите на 850.000 работници во текстилната индустрија ширум светот.