ХНБ ќе дава кредити со нулта каматна стапка за стопанството

24

KUNEХрватската народна банка (ХНБ) во ноември ќе отвори нова кредитна линија кон банките и стопанството, но деталите на програмата ќе бидат познати откако ќе завршат задолжителните консултации со Европската централна банка. Ова ќе биде трет обид на ХНБ од 2008 година па наваму, да ги поттикне банките на посилно кредитирање на стопанството. Се претпоставува дека капиталот ќе се обезбеди со спуштање на задолжителната резерва, но тоа не би било линеарно, ниту пак би се поставувал финансиски лимит. Тоа би било некаков вид на кредитирање на деловните банки со нулта каматна стапка, пишува Вечерњи лист.

ХНБ ќе обезбеди онолку средства колку што банките ќе имаат програми и кредитни линии. Се разработуваат механизми кои би спречиле банките да повлечат средства од ХНБ и да не ги насочат кон кредитирање на стопанството, туку со нив да решаваат некакви свои позиции, како што се случуваше претходно.

Од централната банка повторуваат дека основниот проблем на земјата не е во монетарната политика и количината на пари што се во оптег, туку во деловната клима и опкружувањето кое е многу полошо од конкурентските земји. ХНБ претпостави мало опоравување во вториот квартал од годинава и стагнација во третиот, но ставот на нивните аналитичари е дека очекувањата за економски раст во следните години и понатаму остануваат слаби. На забрзување на растот може понагласено да придонесе само подобрување на конкурентноста на домашната економија на основа на опсежни структурни реформи, наведуваат аналитичарите на ХНБ во последниот билтен.