Холандија подготви четиримесечен план за отворање

63

Холандија им се придружи на земјите на Европската унија во најавата за укинување на ограничувањата наметнати по почетокот на пандемијата. Оваа земја изготви четиримесечен план со којшто ќе бидат отстранети ограничувањата доколку вирусот остане под контрола.

Укинување на ограничувањата ќе започне следната недела и ќе трае во фази до први септември, соопшти холандскиот премиер, Марк Руте. Но, како што истакна, доколку има зголемување на бројот на заразени, рестриктивните мерки можат да бидат вратени.

Постепено укинување на ограничувањето

Од следната седмица, основните училишта ќе бидат отвoрени, со ученици поделени во групи кои ќе ротираат за да се овозможи почитување на социјална дистанца.

Салоните за убавина и фризерските салони ќе бидат отворени со претходно закажување, а ќе биде дозволено и занимавање со спортови во кои не се остварува близок контакт помеѓу учесниците, како на пример тенис.

Кината, рестораните, кафулињата ќе може да работат со максимален број од 30 луѓе и тоа само ако може да се одржи растојание од 1,5 метри меѓу нив.

Јавниот превоз ќе продолжи од први јуни, но со намален број на достапни седишта, за да се обезбеди растојание меѓу патниците, а маските ќе бидат задолжителни.

Планови за иднина

Во јуни ќе бидат отворени средните училишта, а потоа и камповите и парковите за одмор.

“Заедно го остваривме овој напредок, бројките се движат во добра насока. Првата фаза од пандемијата е зад нас. Сега сме во фаза на транзиција кон живот со социјална дистанца. Чекорите за постепено отворање на економијата и јавниот живот ќе и даде на нашата земја простор да гледа напред и прави планови за иднина. Ќе сториме сè што можеме, но подобро е сега да бидеме сигурни, отколку подоцна да жалиме“, рече премиерот.

Бројот на случаи со зараза од вирусот во Холандија изнесува 41.319, a регистрирани се вкупно 5.204 смртни случаеви.

Фото: Pixabay