Холандија сака да формира европска коалиција за производство на чипови со цел да ја зајакне домашната индустрија и да ја зачува конкурентноста во трката со компании од САД и Кина, истакна холандскиот министер за економија.
Хина потсетува дека Холандија е матичната земја на водечкиот производител на машини за чипови ASML и сака „да им олесни на другите земји од ЕУ да изградат неколку фабрики за производство, монтажа и пакување“, додаде Дирк Бељартс во четвртокот на маргините на состанок на министрите за индустрија на Групата седум водечки светски економии (Г7) во Рим.
„Соработката е важна за да се направи ЕУ посилна, меѓу другите глобални играчи, за да биде влијателна“, смета Бељартс, кој беше поканет на состанокот на Г7 за технолошка политика, иако Холандија не е членка и е на 18-то место во рангирање на светската економија.
Холандија е подготвена да преземе водечка улога, рече тој, посочувајќи дека на оваа идеја работи со неговиот италијански колега Адолфо Урса.
ЕУ сака да го зголеми својот удел на глобалниот пазар на чипови на 20 проценти до крајот на деценијата, со поддршка на законот за чипови, кој предвидува субвенции во вредност од 43 милијарди евра.
Холандскиот министер одделно се состана во Рим со американската министерка за трговија Џина Раимондо, пред новата рунда американски ограничувања за извозот на напредни машини за чипови во Кина.
Приходите и профитот на ASML нагло паднаа во вториот квартал поради пазарната несигурност и неповолното „макро опкружување“, се вели во деловниот извештај објавен во јули. Приходите паднаа за речиси 10 отсто, на 6,2 милијарди евра, а нето добивката потона уште посилно, за 19 отсто, на 1,6 милијарди евра.