Холандската влада инвестира 2,5 милијарди евра за да го задржи ASML

41

Холандската влада соопшти дека планира да инвестира 2,5 милијарди евра во регионот Ајндховен како дел од планот кој има за цел да го одврати производителот на чипови ASML да се пресели во странство.

Министерот за економија Мики Адриаансенс на новинарите им ја потврди сумата што ја објави новинската агенција АДП. Тој рече дека владата ќе инвестира во подобрување на домувањето, образованието, транспортот и електричната мрежа како дел од планот „Операција Бетовен“, кој треба да го задржи ASML во Холандија, пишува Seebiz.

Од кабинетот најавија и мерки за намалување на даночното оптоварување, без да соопштуваат детали.

„Кабинетот ги презема овие мерки со претпоставка дека ASML ќе продолжи да инвестира и да го одржува своето правно, фискално и физичко седиште во Холандија“, се вели во соопштението.

Владата одлучи да преземе итни мерки откако извршниот директор на најголемата европска технолошка компанија ги критикуваше нејзините политики, вклучително и планот за ставање крај на даночните олеснувања за висококвалификуваните мигранти.

ASML, исто така, ја обвини владата дека не инвестира адекватно во подобрување на инфраструктурата во технолошкиот центар Ајндховен каде што се наоѓа, вклучувајќи ги автопатите, станбените населби и електричната мрежа.