
По 53 години Хонг Конг ја загуби титулата најслободна економија во светот, а неговото место го зазеде Сингапур, објави канадскиот институт Фрејзер.
За прв пат од почетокот на мерењето на Индексот на економска слобода во светот во 1970 година, Хонг Конг падна од првото на второто место, а се очекува во наредните години да падне уште пониско на оваа листа, пренесува CNBC.
Објавените резултати се базираат на податоци од 2021 година. Некои од критериумите што се користат за мерење на Индексот на економска слобода се леснотијата на меѓународната трговија, слободата на влез на пазарот и пазарната конкуренција или квалитетот на прописите за водење бизнис.
Индексот ја мери и економската слобода на поединците, односно нивната способност самостојно да донесуваат економски одлуки.
– Случајот со Хонг Конг е пример за тоа како економската слобода е тесно поврзана со граѓанската и политичката слобода – изјави високиот соработник на Институтот Фрејзер, Метју Мичел.
Зад споменатите земји се Швајцарија, Нов Зеланд и САД. Во првите десет земји со најголема економска слобода влегоа и Ирска, Данска, Австралија, Велика Британија и Канада.
Од земјите во регионот Македонија е рангирана на 65 место, Грција на 72 место, Србија на 76 место, Бугарија на 43 место, Словенија на 55 место, Босна и Херцеговина на 82 место, Црна Гора на 32 место, Хрватска на 53 место, а Албанија на 31 место.











