Хотелиерите во Охрид и Струга очекуваат до 90% исполнетост околу Илинден

128

Хотелските капацитети на охридско-струшката ривиера се исполнети повеќе од половина. Максимална исполнетост од 80 до 90% хотелиерите очекуваат околу Илинден, период во којшто пред пандемијата се бараше кревет повеќе.

Претседателот на Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ), Крсте Блажески очекува во текот на идниот месец, исполнетоста да биде и над 70%, но тоа, вели, нема да ги извади од кризата во која се наоѓа секторот.

“На Охридскиот аеродром вчера слета првиот авион од Птуј. Но тоа ќе бидат само еден или два чартер летови неделно, во зависност од побарувачката и е мала помош, инјекција во исполнување на сместувачките капацитети. Пред пандемијата овој период имавме пет-шест чартер летови неделно од Холанѓани, па и од други држави, кога хотелите беа значително исполнети. Во текот на идниот месец очекуваме исполнетоста да биде над 70%, но тоа не не вади од кризата. Ако погледнеме статистика за првите шест месеци од годината кога немаме ништо овој месец нема да не извади, туку малку ќе ублажи“, смета Блажески.

Дополнителен удар, според него, е барањето на некои земји членки од Европската унија, по претстој во одредени држави, задолжителен карантин. Првиот човек на хотелиерите не очекува значајни ефекти ниту од ваучерите за домашен туризам, кои ги дава Владата.

“Државата дава 250.000 евра за ваучери за домашен туризам, за кои беа потребни многу документи. Со оглед на тоа мислам дека нема ни пола да се искористени и ефектот од сето тоа нема да биде постигнат“, рече Блажески.

За развој на туризмот, смета дека потребна е стратегија, која треба сега да почне да се изработува за идната година.

“Потребен е комплетен план за крајбрежјето. Се додека не се донесе тој план да се знае што може да се стави на едно место ќе нема развој и ќе има направи па сруши. Кога ќе се реши тоа, ќе знаеме во кој дел каде може да градиме, дали сме за масовен или за елитен туризам и слично. Но ова што го зборуваме не значи дека треба да дојде мај или јуни за да ги решаваме проблемите. Ова треба сега на терен да се види се што прави и да се почне нова стратегија за 2022, а не да чекаме да дојде јуни и тогаш да се сликаме како реагираме на терен, а во реалност нема ништо“, изјави Блажески за МИА.

Тој вели дека ниту попустите од 10 и 20% за сместување за српските туристи не дале ефекти.

“Интересот е многу слаб. Причина за тоа е инфраструктурата. Потребни се три часа да стигнат од Скопје до Охрид, за тоа време ќе стигнат во Грција. До таму имаат и бесплатна патарина, а до Охрид или Струга треба да ја платат. Не размислени потези се направија во однос на туризмот“, додаде претседателот на ХОТАМ кој како пропуст го смета и решавањето на проблемот со плажите пред стартот на туристичката сезона, проблем кој, според него, требало да се реши многу порано.

Фото: Pixabay