Гувернерот на Хрватската народна банка Борис Вујчиќ изјави вчера дека граѓаните во таа земја подигнале повеќе од 200 милиони евра од Сбербанка во рок од два дена, по предупредувањето на Европската централна банка дека подружниците на руската банка во Хрватска, Словенија и Австрија веројатно ќе пропаднат.
Повод за алармантното предупредување на ЕЦБ беше огромниот одлив на депозитите на клиентите на Сбербанка по воведувањето на западните санкции против Русија поради нападот на Украина, што ја загрози ликвидноста и го доведе во прашање покривањето на долговите на подружниците во спомнатите земји.
Вујчиќ кажа дека ситуацијата целосно се смирила откако Хрватската поштенска банка се согласила да ја купи Сбербанка Хрватска.
Тој ги отфрли коментарите дека станува збор за национализација на Сбербанка, наведувајќи дека станува збор за правна, а не пазарна постапка.
На прашањето како таа аквизиција ќе се одрази на процесот на воведување на еврото во Хрватска, Вујчиќ одговори дека подготовките за еврото се исклучително комплицирани, па спојувањето на овие банки ќе биде целосно спроведено по официјалното воведување на заедничката валута на еврозоната.