Хрватскиот Фонд за заштита на животната средина и енергетска ефикасност на домаќинствата што имаат гнездо со штркови на покривот ќе им плати 700 куни (93 евра), како дел од проектот на Министерството за животна средина за зачувување и заштита на белите штркови. Целта на овој проект е сопствениците да се поттикнуваат да ги чуваат, а не да ги уништуваат гнездата, пишува Јутарњи лист.
Официјалното потпишување на проектот ќе биде во септември, а обезбедени се 350.000 куни, односно има пари за 500 гнезда.
“Настојуваме да обезбедиме финансиски средства за зачувување на традиционалниот и пријателски начин на живот со природата колку што можеме во овие кризни времиња. Така ќе обезбедиме опстанок на видови како белите штркови”, изјави министерот за животна средина, Михаел Змајковиќ.
Во Хрватска има околу 1.300 гнезда на парови штркови, но бројот постојано им се намалува поради урбанизацијата и загадувањето на животната средина.