За намалување на буџетскиот дефицит ќе биде неопходно да се зголеми приходната страна на буџетот, затоа што на расходната нема премногу можности, што не значи дека ќе нема понатамошни кратења и мерки за штедење, изјави хрватскиот министер за финансии Славко Линиќ на прес конференција по повод Извештајот за прекумерниот буџетски дефицит и ниво на долг од 2009 до 2012, пренесуваат хрватските медиуми.
Приходите можат да пораснат со зголемување на ДДВ и воведување данок на недвижнини, изјави Линиќ, притоа не исклучувајќи ниту една од овие можности. Според министерот, основен проблем е немањето економски раст и тврди дека раст од 3% во потполност би го решил проблемот со прекумерниот буџетски дефицит.
Линиќ очекува Владата со Европската комисија да успее да се договори за мерките за намалување на буџетскиот дефицит под граница од 3%. Мерките би биле познати во јануари, по што ќе треба да се спроведат во рок од три месеци.
Според објавените податоци на статистичките заводи на ЕУ и Хрватска, во Хрватска дефицитот на консолидираната општа држава во 2012 година изнесувал 2,15 милијарди евра или 5% БДП, додека консолидираниот долг на општата држава изнесувал 24 милијарди евра или 55,5% БДП.
Овие податоци покажуваат дека Хрватска наскоро ќе влезе во Процедура на прекумерен дефицит (ЕДП), механизам на ЕУ осмислен да го врати буџетскиот дефицит на членките под 3%, а јавниот долг под 60% БДП, како што налагаат критериумите од Мастрихт.