Хрватска добива 100.000 полначи за електрични возила на бандерите за улично светло

65

Хрватското здружение Струен круг планира до 2026 година да постави 100.000 полначи за електрични возила во земјата и тоа со нивно инсталирање на бандерите за улично осветлување.

Проектот се очекува да биде реализиран во соработка со градовите, а интерес има и од голем број компании, пишува Јутарњи лист.

Дури 30% од возачите на електрични возила во Хрватска немаат можност за полнење на возилата во текот на ноќните часови, па ги чуваат возилата на јавни и градски паркинзи.

“Во Лондон тој проблем го решија со инсталација на инфраструктура за полнење на столбови за јавно осветлување, а нашето здружение се залага за слично решение и во Хрватска, па веќе почнавме со разработка на планот“, вели Хрвоје Прпиќ, претседател на здружението.

Изборот на локации на коишто се планира поставување на полначите во целост ќе им биде препуштено на градовите.

Фото: Pexels