Берза Агро, првата хрватска берза за земјоделски производи ќе почне да работи во Осиек, по основачкото собрание што е закажано за 12 октомври. Задачата на берзата ќе биде да им помогне на хрватските земјоделци во подобрување на пласманот на своите производи.
Како што изјави координаторот на Основачкиот одбор, Иван Новак, на почетокот работењето ќе се заснова на пченица и пченка, свинско месо и овошје, а предвидено е за почеток да се вработат 10 брокери кои претходно ќе поминат обука во Луксембург.
“Берзата веќе сега располага со резервации од околу 150.000 тони, а имаме можност да пласираме до скоро милион тони пченка и пченица”, изјави Новак, пренесуваат хрватските медиуми.
Берзата ќе функционира по принцип на резервации што ќе можат да ги направат регистрираните членови дефинирајќи го видот на стоката и количината што ја имаат во понудата.
Зад берзата стои капитал на приватни инвеститори, а во работата ќе ги следат и најголемите хрватски банки. Договорена е соработка и со лондонската, париската, франкфуртската и будимпештанската берза за земјоделски производи.