Хрватска го фиксира курсот на франкот на една година

20

frank

Швајцарскиот франк се фиксира на 6,39 куни на една година, а трошоците одат на терет на финансиските институции, соопшти вчера хрватскиот премиер Зоран Милановиќ на вонредна прес конференција, јавува ХРТ.

“Се работи за неколку десетици илјади фамилии кои од денеска можат мирно да спијат и не мораат да ја гледаат курсната листа. За една година се можни разговори за конверзија на кредитите во кунски. Но, за тоа ќе ни треба помош од Хрватската народна банка”, изјави Милановиќ, нагласувајќи дека скокот на курсот на франкот минатата недела е настан без преседан каков што немало претходно.

Фиксирањето на курсот Владата ќе го упати до Саборот преку Закон за потрошувачко кредитирање. Претседателот на Хрватскиот сабор Јосип Леко потврди дека Владата кон крајот на неделава ќе предложи законско решение за проблемите на граѓаните со кредитите во швајцарски франци и најави дека предлогот уште во петок ќе биде ставен на дневен ред.

Минатата недела франкот зајакна за 15%, откако Централната банка на Швајцарија го напушти тригодишното ограничување во однос на еврото.