Искусете ја Хрватска, почувствувајте ја Словенија е слоганот под кој Хрватска и Словенија заеднички ќе се промовираат на далечни пазари како Јапонија, Кина, Јужна Кореја и Бразил, пишува Бизнис.хр.
Туристичката понуда на двете земји ќе се претставува на поважни светски саеми и берзи и ќе се интензивираат директни средби со туристички агенции и туроператори со цел заедничка промоција на дестинации.
На средбата на Крањска Гора, претседателот на Здружението на хрватски патнички агенции и на Европското здружение на национални туристички агенции и туроператори, Борис Жгомба, истакна дека туризмот е една од клучните стопански гранки на Словенија и Хрватска, а туристичките агенции се клучен фактор за успех и за остварување позитивни резултати. Една од важните цели е да се зголеми меѓусебниот туристички промет, но и да се зајакнат позициите на двете земји на меѓународните пазари.
Словенечките и хрватските претставници сметаат дека соработката на националните туристички организации на двете земји и заедничката промоција на далечни пазари е пример за одлична регионална соработка.