Хрватска избра жени претприемачи на годината

4

hr

На Светскиот ден на жени претприемачи, вчера во Загреб беа доделени награди за најуспешните во Хрватска. Елизабета Планиниќ, сопственичка на туристичката агенција Putuj bolje и на сервисот за одржување на гробови Čuvari sjećanja е прогласена за најдобра жена претприемач во категоријата Микро жени претприемачи, а Катица Хауптфелд, сопственичка на туристичката агенција Katarina-line од Опатија е прогласена за инспиративна жена претприемач на годината. Изборот го организираа мрежата на деловни жени Women in Adria, Развојната агенција Загреб и Хрватската стопанска комора.

Елизабета Планиниќ, Македонка по потекло, со претприемништво почнала да се занимава пред четири години. Идејата за отворање на сервисот Čuvari sjećanja е нејзина и е прва во Хрватска што започнала таков бизнис.

“Доделувањето на наградите го започнавме не само за да ги наградиме најуспешните жени претприемачи, туку да ги претставиме нивните приказни пред јавноста. Се надеваме дека токму тие приказни ќе им бидат инспирација да зачекорат во претприемништвото”, вели Ивана Матиќ, основач на мрежата деловни жени Women in Adria.

Во Хрватска, 37% од претприемачите се жени. Според податоците на агенцијата Фина, во 2014 година, во сопственост на жени биле 20,3% од вкупниот број на фирми во земјата.

Фото: Prorsus komunikacije