Хрватска ќе блокира шест руски јахти и седум компании

25

Поради агресијата врз Украина, Хрватска ќе блокира шест руски јахти и седум компании, пишува во четвртокот „Јутарњи лист“, наведувајќи дека веќе се блокирани три брода кои се веќе поврзани со правни или физички лица кои се на европската листа на санкционирани.

Една од нив е луксузната јахта Royal Romance, вредна околу 180 милиони долари. Нејзин сопственик наводно е украинскиот олигарх Виктор Медведчук, близок пријател на Владимир Путин, кој бил кум на неговата ќерка.

Покрај блокадата на компанијата „Đuro Đaković Termoenergetska postrojenja“, се размислува и за блокада на уште шест компании.

Блокираните бродови, пак, се наоѓаат во Риека, Бетина и Скрадин, но уште три брода наводно се поврзани со руски физички и правни лица, за чија блокада исто така се размислува.

Ова се првите официјални блокади во Хрватска кои почнаа да се спроведуваат врз основа на Регулативата на Советот на ЕУ бр. 269/2014 од 2014 година за рестриктивни мерки во однос на дејствија кои го поткопуваат или загрозуваат интегритетот, суверенитетот и независноста, во овој случај на Украина.

Засега не се знае кој ги поседува преостанатите два блокирани брода, но сопственик на компанијата од Славонски Брод е олигархот Алексеј Мордашов.

Наводно, блокирани се и банкарските сметки на некои фирми, а се споменува дека покрај „Đuro Đaković TEP“ има уште шест фирми кои се поврзани со санкционирани руски правни или физички лица. Но, само „Đuro Đaković TEP“ има голем број вработени, бидејќи останатите шест компании, како што неофицијално дознава „Јутарњи лист“, имаат вкупно нешто повеќе од десетина вработени.

Според весникот, Министерството за финансии се обидува да најде модел како да го одвои бизнисот на „Đuro Đaković TEP“ од неговиот руски сопственик.

– Сакаме да изградиме ѕид околу бизнисот на компанијата во Хрватска и на тој начин целосно да ја одвоиме од нејзиниот руски сопственик – објаснува соговорникот, еден од членовите на Работната група за спроведување и следење на меѓународните рестриктивни мерки при МНР, Франо Матушиќ.

Ако се суди според прописите, процедурата за блокада не е нималку едноставна, а подразбира работа на бројни тела за спроведување координирани и надгледувани од споменатата група при МНР, пишува новинарката на Јутарњи лист, Вања Незировиќ.