Хрватска ќе загуби до 20% руски и турски туристи поради воведување на визи

23

dubrovnikПоради прилагодување на хрватскиот визен режим со стандардите на Европската унија, на руските и турските туристи од 1 април за влез во Хрватска ќе им требаат визи. До укинување на суспензијата на визниот режим доаѓа три месеци пред пристапувањето на Хрватска во ЕУ, а туристичките работници од југот на земјата предвидуваат дека поради воведувањето на визи можат да изгубат од 5% до 20% посетители од Турција и Русија, кои се познати како добри потрошувачи.

Од министерството за туризам најавуваат дека поради значајноста на рускиот пазар, од каде секоја година се забележува двоцифрен раст на туристичкиот промет, Хрватска настојува максимално да ја скрати постапката на издавање визи, пишува Слободна Далмација.

Според податоците на Хрватската туристичка заедница, во 2012 година туристи од Русија оствариле 1,8 милиони ноќевања или скоро 170.000 ноќевања повеќе од 2011 година. Во Дубровник, гостите од Русија се петти на листата националности, со 128.050 ноќевања, а гостите од Турција се на 13 место.