Хрватска меѓу три земји во ЕУ со најголем пад на индустриското производство

28

Во ноември 2020 година, Хрватска беше меѓу трите земји на ЕУ со најголем пад на индустриското производство на месечно ниво, додека во ЕУ и еврозоната, растот на производството малку се забрза, покажа извештајот на Европскиот завод за статистика.

Во Европската унија со 27 земји, сезонското прилагодено индустриско производство се зголеми за 2,3% во ноември во однос на претходниот месец, кога според ревидираните податоци на Евростат, тоa порасна за 2%. Во еврозоната производството порасна за 2,5% во однос на октомври кога беше во плус за 2,3%.

Производството на капитални производи најмногу се зголеми во обете области, за 6,1% во ЕУ и за 7% во еврозоната. Енергетскиот сектор забележа најголем пад на производството, за 2,9% во ЕУ и за 3,9% во еврозоната.

Меѓу земјите на ЕУ чии податоци ги имаше на располагање Евростат, најголем раст на производството во ноември е забележан во Ирска, за дури 52,8% што е прелиминарен податок и може да биде поврзано со сезонско прилагодување, забележуваат статистичарите. Следат Грција и Данска со месечен раст од 6,3% односно 5,3%.

Производството падна најмногу во Португалија, за 5,1% во споредба со октомври. Следува Белгија со пад на производството од 3,5%.

Во групата земји со најизразен пад на производството во ноември на месечно ниво, Евростат ја издвои Хрватска, која според сезонски прилагодените податоци бележи пад од 2,6% во споредба со октомври кога порасна за 1,7%. Падот во ноември е најголем од април кога производството потона за 7,8%, бидејќи стапија во сила строгите мерки на затворање за да се запре ширењето на инфекцијата со коронавирус, пренесува СЕЕбиз.

Фото: Pixabay