Хидроавионите како средство за превоз до хрватските острови на Јадранското море се идеја која веќе долго време чека на реализација.
Иако хидроавионите не полетаа пред почетокот на туристичката сезона, тие од Каштеланскиот залив ќе полетаат ова лето, бидејќи работите на терминалот на првиот морски аеродром од овој вид во Европа е во завршна фаза, пишува Балкан Ал Џезеира.
Се очекува првиот хидроавион да полета за десетина дена, но патот од идејата до завршната фаза поради бирократските проблеми траеше 14 години.
Генералниот менаџер на European Coastal Airlines, Клаус Дитер Мартин, со нетрпение го очекува премиерниот лет, а и самиот се соочи со потешкотии поради бирократијата во Хрватска.
“На Корчула добивме позиција, а од канцеларијата за зачувување на културното наследство во Дубровник ги добивме насоките што треба да работиме понатаму. Ги направивме сите потребни инженерски планови, ги предадовме документите на локалните власти и потоа не одбија истите оние кои тоа ни го предложија“, вели Мартин.
Морскиот аеродром ќе биде единствен од овој вид во Европа, а во Хрватска ќе има вкупно пет.
“Главната цел на овој проект е да се поврзе копното со бројните острови, а во втората фаза ќе се поврзе копното и островите со Италија. На пример, патниците од Италија до островите можат да пристигнат за 20 минути, а до копното за 40 минути“, објаснува Мартин.
Спроведените истражувања покажуваат дека на пазарот постои голем интерес за овој вид на авио превоз, бидејќи станува збор за долгорочен проект, во кој инвеститорите планираат да вложат повеќе финансиски средства.