Хрватска: Платите во јавниот сектор повисоки за 25% во однос на приватниот

52

kuni

Според истражувањето Анализа на платите во јавниот и приватниот сектор во Хрватска, што го спроведе Економски институт Загреб, вработените во јавниот сектор и државните претпријатија се многу подобро платени во однос на работниците во приватниот сектор, јавува хрватската телевизија РТЛ.

Јазот во платите, кој не ги зема в предвид различните карактеристики на вработените и работните места меѓу сектори, покажува дека просечната плата по час во јавниот сектор била за околу 25% повисока отколку во приватниот сектор.

Кај претпријатијата во државна сопственост, просечната плата била меѓу 17% и 21% повисока во споредба со приватниот сектор, во зависност од разгледуваната година.

Истражувањето спроведено по нарачка на Министерството за финансии се темели на податоците од Анкетата за работна сила за 2004, 2008 и 2012 година.

Анализата покажува и дека вработените во приватниот сектор во просек се помлади за повеќе од пет години од вработените во јавниот сектор или претпријатијата во државна сопственост, додека највисоко ниво на образование имаат вработените во јавниот сектор.