Хрватска: Пониска каматна стапка за станбените кредити во швајцарски франци

19

FranakХрватскиот министер за финансии Славко Линиќ и банкарите постигнаа договор според кој сите должници во швајцарски франци, на кои курсот им пораснал за 20% во однос на времето кога е подигнат кредитот, од 1 јануари 2014 година, за станбените кредити ќе плаќаат каматна стапка од 3,23%. За многумина тоа ќе значи скоро на половина пониска каматна стапка отколку што плаќаат сега, која според проценките се движи од 5,20% до 5,90%, во зависност од годината во која е подигнат кредитот.

Новата каматна стапка е непроменлива се додека франкот е за 20% повисок отколку кога бил во времето кога должникот го подигнал кредитот. Кога ова ќе се промени, односно кога франкот 30 дена ќе биде под таа граница, должникот ќе има шест месеци да се одлучи дали сака својот кредит да го конвертира во куни или во евра, пишува Нови лист.

Колку ова намалување ќе ги намали ратите од министерството за финансии не можат да кажат со сигурност, но истакнуваат дека ќе биде најмалку 20%, во зависност од рочноста и висината на каматната стапка што сега ја плаќаат должниците.