Хрватска поскапа од Шпанија и Грција, поскапеа апартманите

26

Цените за сместување покрај море во Хрватска за две години се зголемени за околу 30 отсто.

Апартман кој пред две лета чинеше 80 евра годинава е околу 100 евра. Со оглед на тоа, за седум дена во тој стан треба да одвоите околу 700 евра. И покрај повисоките цени, претседателката на Хрватското здружение за семејно сместување, Барбара Марковиќ, истакнува дека резервациите за шпицот на сезоната засега се одвиваат добро.

– Во однос на лани цените се повисоки за 15 проценти, а лани во однос на претходната година веќе се покачени за 15 проценти. Значи околу 30 проценти сите заедно. Цените поскапеа поради струјата, разните даноци, но и економското одржување на становите. Во Далмација е невозможно да се најде чистачка за помалку од 20 евра на час – изјави таа за tportal и истакна дека Хрватска е поскапа дестинација од Шпанија и Грција.

– За 25 проценти сме поскапи од нашите конкуренти, но не само во однос на сместувањето, туку и вонпансионските понуди. Во ресторан во Грција најскапото шише вино во сезоната ќе платите 25 евра, а во Сплит 50 евра. Она на што сите треба да работиме е пред сè содржината – истакна таа.

И додека шпицот, според неа, генерално е добро исполнет, претсезоната, за разлика од Истра и Дубровник, засега во Далмација е во мирување.

Фото: Pixabay