Хрватскиот град Солин го добива првиот погон за рециклирање на отпаден сапун од хотелите, во којшто ќе бидат вработени лица со инвалидитет, пишува ХРТ.
“Вработени се шест лица со инвалидитет, кои секој месец ќе едуцираат нови групи од по пет лица со инвалидитет. Целта е да се натпреваруваме за нови проекти на Европската унија, каде што ќе продолжиме да работиме“, изјави Анте Раос, претседател на Мрежата на здруженија на лица со инвалидитет од Далмација.
Шест институции се носители на овој проект, а меѓу нив е тамошниот Хемиско технолошкиот факултет чии експерти ја осмислија постапката на чистење, стерилизирање и преработка на отпадниот сапун по што се создава нов хигиенски прифатлив производ.
Овој погон од Солин би требало да прерасне во една од најголемите фабрики за рециклирање на ваков вид на отпад во Европа.