Хрватска со нови мерки за поддршка вредни 1,7 милијарди евра

25

Хрватската влада го одобри четвртиот пакет мерки за помош, вреден 1,7 милијарди евра, од кои најголемиот дел, 1,18 милијарди се однесуваат на ублажување на поскапувањето на енергенсите. За заштита од инфлација се наменети 169 милиони евра, а за посебна поддршка и стимулации 347 милиони.

Според пакетот мерки, цената на струјата за домаќинствата, јавниот и непрофитниот сектор, малите бизниси и претприемачите до крајот на септември останува на исто ниво како во есенскиот пакет, кој важи до 31 март, а стапи на сила на 1 октомври минатата година, пренесува Мина.

За домаќинствата мерката се однесува на вкупно 2,11 милиони мерни места и е вредна 82 милиони евра. Во јавниот и непрофитниот сектор мерката опфаќа 13 илјади корисници и е вредна 50 милиони евра, додека за секторот претприемништво мерката е вредна вкупно 464 милиони евра.

Цената на гасот нема да се промени до април следната година за домаќинствата, јавниот и непрофитниот сектор и за сите микро, мали и средни претприемачи со просечна годишна потрошувачка до десет гигават-часови (GWh). Вкупната вредност на мерката е 150 милиони евра.

Се продолжува примената на намалена стапка на данокот на додадена вредност (ДДВ) од пет отсто за снабдување со природен гас, греење од термостаници, снабдување со огревно дрво, пелети и брикети, исто така до април следната година, а вредноста на мерката изнесува 35 милиони евра.

Владата ќе обезбеди 169 милиони евра за заштита на најзагрозените граѓани од инфлација, а со тоа ќе бидат наменети вкупно 75 милиони евра за поддршка на пензионерите преку еднократна исплата и укинување на дополнителните придонеси за здравствено осигурување.