Хрватска, Србија и БиХ заедно ќе бараат помош од ЕУ

21

poplavi srbija

Хрватска и Србија, а најверојатно и Босна и Херцеговина, ќе аплицираат за помош од Европската унија за санирање на последиците од катастрофалните поплави што во изминатите денови ги погодија овие три балкански земји.

Оваа информација за хрватската новинска агенција Хина е потврдена од хрватското Министерство за надворешни и европски работи (МВЕП).

Српските медиуми ја пренесуваат изјавата на министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ, во која се наведува дека неговата хрватска колешка Весна Пусиќ му предложила двете земји заеднички да аплицираат за помош од европскиот фонд на солидарност од природни катастрофи.

“Колешката Пусиќ ми испрати СМС порака во која ми предложи Србија и Хрватска заедно да аплицираат за помош од ЕУ по природната катастрофа, имајќи во предвид дека тие тоа го направиле неколку пати и имаат искуство во тоа“, рекол Дачиќ.

Овие информации за агенцијата Хина ги потврди портпаролката на МВЕП, Даниела Баришиќ.

“Можам да потврдам дека Хрватска и Србија заедно ќе аплицираат за европска помош за санирање на штетите од поплавите, а најверојатно во овој проект ќе биде вклучена и БиХ, бидејќи министерката Пусиќ контактираше и со министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Златко Лагумџија“, рече Баришиќ.

Европските правила ја пропишуваат висината на штетите кои некои земји мора да ги претрпат за да можат да побараат помош од фондот за солидарност и дозволуваат две или повеќе земји да аплицираат заедно доколку поединечно штетите се помали.

Државите имаат право на користење на средства од фондот за солидарност во случај на големи природни катастрофи кои ќе предизвикаат штети поголеми од три милијарди евра според цените од 2002 година, односно ако штетите се во вредност поголема од 0,6% БДП.